Власта објави – Домаќинствата можат да аплицираат до 30.000 денари поддршка за…

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжи рокот за аплицирање за финансиска поддршка за домаќинствата кои инвестираат во приклучок на природен гас или во набавка на котел на гас. Согласно измените на Програмата за поттикнување за снабдување со гас во домаќинствата за 2026 година, објавени во „Службен весник“, граѓаните ќе можат да поднесуваат барања до 31 октомври 2026 година.

Со измената, Министерството овозможува дополнителен период за искористување на мерката, преку која домаќинствата можат да добијат финансиска поддршка во висина до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци за куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас или за набавка на котел на гас.

За реализација на програмата се обезбедени 3 милиони денари, а средствата ќе се распределуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до нивно целосно исцрпување.

Право на аплицирање имаат домаќинствата кои во текот на 2026 година ќе реализираат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и оние што ќе набават котел на гас за објект кој бил приклучен на гасоводната мрежа заклучно со 1 јануари 2026 година. Секое домаќинство има право да поднесе едно барање.

Од Министерството ги повикуваат заинтересираните граѓани навремено да ги достават своите апликации согласно условите утврдени во јавниот оглас. По истекот на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа сите пристигнати барања, по што ќе следува исплата на средствата за апликантите кои ги исполнуваат пропишаните критериуми.

Надлежните посочуваат дека продолжувањето на рокот има за цел да им овозможи на што поголем број домаќинства да ја искористат државната поддршка, да ги намалат трошоците за греење и да преминат на поекономичен и поеколошки енергенс. Дополнителни информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната интернет-страница на Министерството.