СТРАШНА ТРАГЕДИЈА го потресе светот: Училишен автобус излета од патот, загинаа 20 деца

Тешка сообраќајна несреќа го потресе источниот дел на Уганда, каде најмалку 21 лице, меѓу кои 20 ученици од основно училиште и едно возрасно лице, го загубија животот откако училишен автобус излетал од патот и се превртел.

Според информациите што ги соопшти локалната полиција, трагедијата се случила додека автобусот се враќал од училишен излет. Според првичните сознанија, возачот најверојатно ја загубил контролата над возилото, по што автобусот излетал од коловозот, удрил во голема карпа и се превртел.

Освен загинатите, во несреќата се повредени уште три возрасни лица и повеќе деца. Надлежните засега не го соопштија точниот број на повредени, додека медицинските екипи и службите за итна помош веднаш интервенирале на местото на несреќата.

Автобусот бил во сопственост на основното училиште „Кинг Дејвид“, кое се наоѓа во близина на главниот град Кампала. Учениците, според првичните информации, се враќале од организиран излет до водопадите Сипи во областа Капчорва, кога дошло до трагичната несреќа.

Несреќата се случила околу 20 часот по локално време. Полицијата објави фотографии од целосно уништениот и превртен автобус, кои сведочат за силниот удар и размерите на трагедијата.

Надлежните институции започнаа истрага за да ги утврдат точните причини што довеле до несреќата, а се очекува во наредните денови да бидат објавени повеќе детали за трагедијата која ја потресе целата земја.