Познатиот музичар Перо Камиказа доживеал страшна несреќа – со потрес на мозокот завршил во болница

Македонскиот музичар и пасиониран спортист Петар Георгиевски – Камиказа се здобил со потрес на мозокот, повреда на главата и повеќе нагмеченици при незгода додека возел велосипед на Кејот на Вардар.

Како што раскажа во објава на Фејсбук, несреќата се случила околу 6:30 часот наутро, стотина метри пред мостот „Аминта Трети“. Додека се движел во својата лента, од спротивната страна ненадејно му излетал трчач кој, според неговите зборови, не погледнал пред да го смени правецот.

„Летав салто, па спринтериците изгледа тогаш се откачиле. Потрес на мозок, четири конци на главата, неколку нагмеченици, искршени очила, но велосипедот, за чудо, остана читав“, напиша Георгиевски.

Трчачот веднаш ја признал грешката, му се извинил и останал со него до доаѓањето на Брзата помош. Потоа го придружувал и во Ургентниот центар, сè додека не пристигнала ќерката на музичарот.

На Клиничкиот центар му биле направени компјутерска томографија и повеќе прегледи. Откако лекарите утврдиле дека нема внатрешно крварење, повредата на главата била санирана со четири конци.

„Супер брза интервенција на сите што беа во Ургентниот центар и голема благодарност за сè што направија да ме оправат“, наведе Камиказа, додавајќи дека во следните денови чувствувал болки во грбот и вратот, но неговата состојба била стабилна.

По незгодата, тој упати апел до сите што го користат Кејот на Вардар да внимаваат на велосипедската патека. Ги повика сопствениците да не ги пуштаат кучињата слободно, тркачите да се движат во својата лента и да не трчаат во групи што ја блокираат патеката, а родителите да ги заштитат децата додека возат велосипед.

„Оние што го менуваат правецот нека погледнат дали доаѓа некоја ‘будала’ како мене“, напиша тој, додавајќи дека последиците можеле да бидат поблаги доколку се движел со помала брзина, наместо со околу 35 километри на час.

Камиказа на крајот порача дека наскоро повторно ќе се врати на Кејот и ја најави средбата со публиката на концертот на 23 октомври во салата „Јане Сандански“.

„Сполај ти, Боже, што ми даваш шанса да продолжам. Се гледаме набрзо на Кеј“, напиша музичарот.