Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска издаде предупредување за жолт метеоаларм, најавувајки дека нестабилното време продолжува низ целата држава.
Според метеоролозите, денеска нè очекуваат повремени врнежи од дожд и локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во одредени места повторно ќе има услови за појава на невреме со град.
Дополнително, ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен северен ветер, чија брзина ќе надминува 60 километри на час.
Граѓаните се повикуваат на исклучителна претпазливост, особено при движење на отворено и во сообраќајот, со оглед на штетите што веќе ги предизвика претходниот бран невреме.

