Оливера Катарина Шакиќ, една од најзначајните уметници на просторите на поранешна Југославија, почина на 87-годишна возраст, пишуваат српските медиуми.
Тажната вест за смртта на една од најголемите глумачки и музички ѕвезди од просторите на поранешна Југославија, ја соопштило нејзиното семејство, без да открива повеќе детали.
Оливера Катарина во текот на својата повеќе од шест децении долга кариера остави длабока трага во филмот, театарот и музиката. Публиката ќе ја памети по нејзината исклучителна харизма, специфичната интерпретација и уметничкиот израз, кои ја вброија меѓу најголемите диви на домашната културна сцена.
Меѓународна слава стекна со улогата на Ленче во култниот филм „Собирачи на пердуви“ на режисерот Александар Петровиќ. Филмот ја освои Големата награда на жирито на Канскиот филмски фестивал и беше номиниран за Оскар, а токму оваа улога ја направи Оливера Катарина препознатлива и надвор од границите на тогашна Југославија.
Покрај актерството, таа оствари и забележителна пејачка кариера, настапувајќи на реномирани светски сцени, а се испроба и како писателка.
За неа се бореле и бројни мажи, меѓу кои и поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито. Оливера своевремено тврдела дека Јованка била љубоморна на неа бидејќи неколкупати се дружеле.
„Првпат го запознав Тито кога го снимав филмот „Нишка Бања“. Одеднаш слушнав дека Тито е во студиото, а тој седна зад камерата и ме гледаше. Го отпушти снимателот за самиот да ме снима. Вторпат беше кога со сопругот Миладин Шакиќ ја чекавме Новата година. Ни пријде Милан Вукос и ни рече дека Тито сака да му пеам. Тогаш не можеше да се каже не“, раскажала Оливера.
„Секогаш убаво реагираше кога јас пеев и му се допаѓав како појава. Еднаш, кога се појавив, Јованка го турна и му рече: ‘Еве ти ја’. Тоа го слушнав. Можеби беше љубоморна, тој оставаше впечаток на голем љубител на жените. Беше вистински маж, тоа сигурно“, истакнала актерката.
Иако многумина ја сметаа за една од најубавите жени на поранешна Југославија, нејзиниот приватен живот не секогаш бил исполнет со сјајот што ја следел нејзината кариера.
Во последните години отворено зборувала за тешката финансиска состојба во која се нашла, а јавноста дознала дека во еден период била принудена да го продава сопствениот мебел и лични предмети за да ги подмири долговите и да ги плати сметките.
И покрај сè, достоинствено ги поднесувала животните неволји и останала верна на уметноста која ја одбележала нејзината кариера.

