Муамед Сејдини излегува од притвор – погледнете колку понудил гаранција

Основниот кривичен суд Скопје го укина притворот за екс-претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, откако судија на претходна постапка ја прифати понудената гаранција во вредност од над 1.150.000 евра.

Според соопштението на Судот, гаранцијата се состои од засновање хипотека врз недвижен имот. Истовремено, за да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на постапката, на Сејдини му е определена мерка на претпазливост – одземање на патната исправа.

Од Кривичниот суд информираат дека по барањето на одбраната за укинување на притворот со понудена гаранција, Основното јавно обвинителство дало позитивно мислење, а судијата на претходна постапка го прифатил предлогот.

По правосилноста на одлуката, Муамед Сејдини е пуштен да се брани од слобода.

Тој се сомничи за проневера на 700 000 евра доделени од УЕФА за развој на фудбалот во Македонија, како и за злоупотреба на функцијата. Средствата биле наменети за извршување градежни работи на стадионот во Охрид.

Екс-претседателот на ФФМ беше приведен по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а на 24 април годинава му беше определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и можност да влијае врз сведоци во истрагата. Подоцна, мерката му беше продолжена со одлука на Кривичниот совет.