Дваесет и едногодишен жител на Штип се здобил со тешки телесни повреди откако паднал од отворен прозорец на автомобил во движење, информира Министерството за внатрешни работи.
Несреќата се случила вчера околу 1:35 часот на крстосницата меѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Солидарност“ во Штип. Според МВР, од отворен прозорец на патничко возило „ауди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од 22-годишниот Б.С. од Штип, паднал сопатникот Н.А. (21), исто така од Штип.
Во инцидентот, 21-годишникот се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во Клиничката болница во Штип.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Штип, а полицијата презема мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случил инцидентот.

