Цените на нафтата значително паднаа откако САД и Иран ги прекинаа нападите, што ја зголеми надежта за смирување на конфликтот.
Цената на барел сурова нафта „Брент“, која е глобален ценовен репер, во еден момент падна за речиси 10 отсто, на околу 86 долари. Ова претставува значаен пресврт во однос на минатата недела, кога цената надмина 100 долари, пишува Би-Би-Си.
Деескалацијата отвора простор за преговори.
До падот на цените дојде по изјавата на американската амбасадорка во Обединетите нации дека нападите врз Иран биле прекинати втора ноќ по ред со цел да се „отвори простор за преговори“. Портпаролот на иранската армија во неделата потврди дека Техеран, како одговор, ги прекинал „одмаздничките“ напади во регионот.
Избувнувањето на војната со Иран претходно предизвика нагло зголемување на цените на нафтата, бидејќи конфликтот практично го затвори Ормускиот теснец. Станува збор за клучна поморска рута низ која поминуваат околу 20 отсто од светската нафта и течниот природен гас (LNG).
Кога Иран и САД во јуни потпишаа меморандум за разбирање за прекин на воените операции и повторно отворање на теснецот, цената на нафтата падна на предвоеното ниво од околу 70 долари за барел. Сепак, пропаѓањето на примирјето претходно овој месец повторно ја зголеми загриженоста за глобалното снабдување со енергија, што повторно ги крена цените.
Минатата недела цената за првпат од мај достигна 100 долари за барел. Дополнителна неизвесност внесоа и нападите на јеменските бунтовници Хути врз танкери со нафта во Црвеното Море, со што беше загрозена клучната извозна рута преку која Саудиска Арабија го заобиколува Ормускиот теснец.
Сузана Стритер, главен инвестициски стратег во компанијата „Wealth Club“, изјави дека пазарите и понатаму се „претпазливи поради сите пресврти во овој конфликт“.
Таа додаде дека, и покрај остриот пад на цената на суровата нафта, „цените сè уште во голема мера ја одразуваат неизвесноста, а преовладува претпазливост околу тоа дали преговорите ќе доведат до трајно решение“.
Конфликтот меѓу САД и Иран и неговото влијание врз цените на нафтата ги зголемија трошоците за горива како бензинот и дизелот во многу земји. Тоа често се одразува и врз цените на други производи, како храната, бидејќи компаниите повисоките трошоци за работење ги пренесуваат на потрошувачите, што може дополнително да ја поттикне инфлацијата.
Повисоката инфлација ја зголемува веројатноста централните банки да ги зголемат каматните стапки со цел да го забават растот на цените. Европската централна банка во јуни одлучи да ја зголеми клучната каматна стапка за еврозоната првпат по речиси три години, притоа предупредувајќи дека конфликтот „создава инфлациски притисоци“.
Пред почетокот на војната со Иран се очекуваше дека Банката на Англија оваа година ќе ги намали каматните стапки. Сепак, тие очекувања се променети, а финансиските пазари сега предвидуваат нивно зголемување кон крајот на годината. Банката на Англија оваа недела ќе одржи состанок за каматните стапки, а се очекува основната стапка да остане на 3,75 отсто.

