Голем пожар изби во Македонија – еве во кој правец се движи

Опасноста од пожарот што попладнево избувна пред влезот во Велес е намалена, но огнот се прошири кон патот Велес-Штип, информира Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Поради густиот чад што ветерот го носи кон автопатот, побарана е асистенција од полицијата за регулирање на сообраќајот. Во гаснењето се вклучени два ер-трактори, пожарникари и месно население.

Пожарот избувна попладнево во велешката месност Дорутовец, веднаш по бензинската станица на „Макпетрол“, од десната страна на патот кон Велес. Поради опасност од проширување, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, активираше два авиони „ер-трактор“ на ДЗС.

На терен се и пожарникари од Територијалната противпожарна единица Велес со две возила, а во гаснењето се вклучиле и жители на селото Чалошево, како и екипа со цистерна од јавното претпријатие „Дервен“.

И покрај тоа што опасноста од пожарот е намалена, огнот се проширил во правец на патот Велес-Штип.

Од Главниот штаб за управување со кризи е побарана поддршка од МВР за регулирање на сообраќајот, бидејќи ветерот го носи чадот директно кон автопатот. Состојбата на терен континуирано се следи од Главниот штаб, во координација со сите инволвирани екипи.

Според податоците од Центарот за управување со кризи, до 18 часот денеска се регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор, од кои четири се уште се активни.