Страшна вест го потресе регионот: Ja полил сопругата со бензин и ја запалил

Обвинителството во Бугарија поднесе обвинение против 48-годишен маж осомничен за обид за убиство својата сопруга, откако по семејна расправија ја полил со бензин и ја запалил, па потоа ја гасел со вода, пренесува Телеграф.

Обвинителството ќе побара да му биде одреден притвор до 30 дена, додека истрагата продолжува. Тој се товари за обид за убиство извршен на особено свиреп начин.

Злосторството се случило во селото Медовец, а семејната куќа по инцидентот е запечатена и под полициски надзор.

Според досегашните информации од истрагата, осомничениот пред расправијата консумирал поголема количина алкохол, по што најпрво вербално, а потоа и физички ја нападнал својата 48-годишна сопруга Фаизе. Во еден момент зел канта со бензин, ја полил и ја запалил.

Лекарите во Воената болница во Варна сега се борат за нејзиниот живот.

Тие наведуваат дека жената се наоѓа на Одделот за интензивна нега во исклучително тешка состојба. Таа има изгореници од втор и трет степен на околу 40 отсто од телото, а поради сериозноста на повредите засега не е можно да се даде прогноза за нејзиното закрепнување. Токму лекарите ја известиле полицијата дека повредите укажуваат на обид за убиство.

Според сведочењето на нејзината роднина Хабибе Хусеин, драмата започнала во вторникот по полноќ, кога од куќата слушнала врисоци.

„Слушнав страшни крици, а децата викаа и се обидуваа да помогнат. Ја прашав што се случило, а братучетка ми ми рече: ‘Исмаил ме полеа со бензин’“, раскажала Хабибе.

Таа и нејзиниот сопруг веднаш повикале Брза помош, но кога сфатиле дека возилото ќе доцни, самите ја однеле повредената жена со автомобил до Далгопол. За време на патувањето, Фаизе, според нивните зборови, постојано повторувала да ја повикаат полицијата, бидејќи сопругот ќе ја убие.

„Не можам да спијам, не можам да јадам. Сè уште го чувствувам мирисот на мојата роднина. Не изгледаше како човек, туку како зомби – целата беше изгорена. Такво нешто немам видено ни на филм“, изјавила Хабибе.

Соседите велат дека биле изненадени, бидејќи семејството претходно не било познато по кавги или проблеми. Сопружниците ова лето се вратиле од Франција, каде што биле на привремена работа. Исмаил работел во градежништво, додека Фаизе била невработена.

„Заедно работеа во дворот, заедно палеа оган. Ќе речевте дека се идеални луѓе, идеално семејство“, рекла соседката Гулзарие Хусеин.

Семејството има две деца – 20-годишна ќерка и 12-годишен син. Момчето моментално е кај роднини, а социјалните служби веќе излегле на терен за да ја проценат неговата состојба.

Градоначалникот на Медовец, Мустафа Исмаил, изјави дека целото село е потресено од трагедијата.

„Ситуацијата е многу тешка. Роднините и соседите одат да даруваат крв, чекаме добри вести и се надеваме дека жената ќе закрепне“, рекол тој.

Според неговите зборови, осомничениот по палењето се обидел да го изгаси огнот – ја однел сопругата во бањата и ја полевал со вода. Притоа и самиот се здобил со изгореници на рацете.