Тешка сообраќајна несреќа се случила во Скопје, во која се судриле два мопеда, при што три лица се повредени, а меѓу нив најтешко минал 17-годишен малолетник.
Инцидентот се случил синоќа во 22:15 часот на крстосницата меѓу улиците „Маџари“ и „Финска“. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во сообраќајката учествувале мопед што го управувал 18-годишниот Н.Х. од Скопје и друг мопед што го возел 17-годишен малолетник од скопското село Стајковци. Од силината на ударот, еден од мопедите удрил и во паркирано товарно возило марка „Мерцедес“.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетниот возач, додека неговиот сопатник и возачот на првиот мопед поминале со полесни повреди. На повредените им била укажана лекарска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот увид извршила екипа од СВР Скопје со цел утврдување на сите причини кои донеле до оваа сообраќајна незгода.

