Црн викенд со четири жртви во Македонија

Викендот во земјава помина со повеќе трагични настани, меѓу кои и две пронајдени починати лица и две сообраќајни несреќи со смртни последици.

Во текот на вчерашниот ден, во 20:30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во стан на подрачјето на Карпош била пронајдена почината Е.Д. (45) од Скопје. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По насоки на јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција.

Во Штип, пак, во текот на викендот било пријавено дека во домот е пронајден починат А.П. (38) од Штип. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција.

Смртен биланс има и од две сообраќајни несреќи.

На 8 август околу 17:10 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар–Кичево се случила сообраќајна несреќа меѓу патничко возило „пежо“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Н.С. (34) од село Маврово, гостиварско, и автомобил „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Ѓ.П. (63) од Скопје.

Во несреќата, возачот на „опел астра“, Ѓ.П. (63), починал на местото од здобиените повреди. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Возачот на „пежото“, Н.С. (34), се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Ургентниот центар во Гостивар за укажување лекарска помош.

Истиот ден, во 05:45 часот, во СВР Битола било пријавено дека на влезот во село Брајчино, Ресенско, мотоциклистот В.Т. (44) од село Љубојно, Ресенско, изгубил контрола над мотоциклот со ресенски регистарски ознаки и излетал од патот.

Од здобиените повреди, мотоциклистот починал на местото на несреќата, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.