Ново зголемување на цената на нафтата

Цените на нафтата во понеделникот повторно се зголемија, откако неизвесноста околу повторното отворање на Ормускиот Теснец ги зголеми стравувањата дека нарушувањата во глобалното снабдување со енергенси би можеле да продолжат.

Според Ројтерс  цената на северноморската нафта „брент“ порасна за околу 0,6 отсто, на 84,04 долари за барел, додека американската WTI поскапе за 0,5 отсто, на 78,56 долари. Причината за новиот притисок врз цените е неизвесноста околу договорот за повторно воспоставување на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, еден од најважните енергетски коридори во светот.

Иран сигнализира дека договорот со Оман за воспоставување нови пловни коридори низ теснецот е во завршна фаза. Сепак, Техеран нагласува дека самото постигнување договор со Оман нема автоматски да значи целосно отворање. Иран бара САД да исполнат повеќе услови, меѓу кои компензација за воените напади, укинување на санкциите и одмрзнување на ирански средства.

Токму овие барања создаваат нова неизвесност на пазарите, бидејќи инвеститорите стравуваат дека политичките преговори би можеле да се одолговлечат. Ројтерс денеска известува дека сообраќајот на танкери низ теснината останува ограничен, додека пазарите внимателно ги следат дипломатските напори меѓу Иран, Оман и САД.

Иако инвеститорите се надеваат дека договорот би можел да доведе до нормализирање на транспортот и постепено намалување на цените на нафтата, засега останува голема неизвесност. Дополнителен ризик претставуваат и нападите во регионот. За пазарите, клучното прашање сега е дали дипломатските напори ќе доведат до реално и одржливо отворање на Ормускиот Теснец.

Доколку сообраќајот се нормализира, притисокот врз цените би можел да се намали. Но, доколку преговорите пропаднат или ограничувањата продолжат, нафтениот пазар би можел повторно да се соочи со силен раст на цените.