Следува пресврт на времето – ќе има невреме и пад на температурите

Топлотниот бран со високи температури што ја зафати Македонија продолжува и во текот на утрешниот ден, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во Скопје и низ земјава максималните дневни температури ќе достигнуваат до 39 Целзиусови степени. Сепак, синоптичарите најавуваат брза промена на временските прилики од четврток попладне, кога локално ќе има услови за невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град.

Според податоците на УХМР, денеска во 17:00 часот се измерени 39,3 степени во Велес, 38,9 во Демир Капија и 38,8 степени во Гевгелија. Во Скопје, на мерната станица Зајчев Рид се измерени 38,2 степени, додека во Петровец температурата достигна 37,9 степени.

Утре и во среда ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Во Скопје утре температурата ќе достигне до 38 степени, со висок УВ-индекс од 9. Ветерот ќе биде слаб до умерен од северен правец.

Временската слика драстично ќе се промени во четврток попладне. Наместо стабилното време, на повеќе места ќе настапи локална нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе започне да опаѓа и ќе се движи од 32°C до 39°C.

Во петок следува дополнителен пад на температурите кои ќе се движат помеѓу 29°C и 36°C. Времето ќе биде променливо облачно, а попладне се очекуваат пообилни врнежи од дожд за кратко време, силен ветер и локална појава на град. Нестабилно со краткотраен пороен дожд ќе се задржи и во сабота во јужните планински предели, по што од викендот следува повторно стабилизирање.