„ПРЕДОЦНА Е ЗА ЛЕКУВАЊЕ“: Познатата актерка откри дека има рак во четврти стадиум

Британската комичарка и актерка Луси Дејвис, позната по улогата на рецепционерката во британската верзија на популарната серија „The Office“, откри дека се соочува со тешка здравствена битка.

Актерката објави дека пред околу година и пол ѝ бил дијагностициран рак на дојката во четврти стадиум, кој во меѓувреме се проширил и на коските.

Во емотивна објава на Инстаграм, Дејвис сподели видео и подолга порака во која за првпат јавно зборува за својата дијагноза и начинот на кој се справува со тешката ситуација.

„Здраво, пријатели. Сакав да споделам нешто што извесно време го чував за себе, но од различни причини чувствувам дека сега е вистинскиот момент да го кажам“, напишала актерката.

Таа открила дека ракот се проширил на неколку делови од нејзиното тело, меѓу кои ’рбетот, десниот колк и ребрата.

„Ракот е неизлечив и предоцна е за хемотерапија“, изјавила Дејвис.

„Не игнорирајте ништо“

Актерката раскажала и како првпат забележала дека нешто не е во ред. Според неа, промената што ја почувствувала не била класична грутка, туку мало задебелување.

„Првата промена што ја напипав не беше баш грутка, туку некаков вид задебелување. Навистина беше многу мало. За малку и немаше да отидам да го проверам“, открила таа.

Токму затоа испратила силна порака до сите свои следбеници.

„Не игнорирајте ништо – проверете сè“, порача актерката.

И покрај тешката дијагноза, Дејвис вели дека се труди преостанатото време да го помине на начин кој за неа има смисла – со што повеќе смеа, љубов и позитивни моменти.

„За сега се трудам она што ми останува од животот да го поминам на најзабавниот можен начин. Отсекогаш сакам да најдам нешто поучно во секоја негативна работа што ќе се случи. Ни ракот не ме разочара во тој поглед. Многу научив од него и благодарна сум за тоа“, напишала таа.

„Не сакам да ме третираат како болна личност“

Актерката открила дека болеста значително влијаела и врз нејзината подвижност. Понекогаш има проблеми со подолго стоење и одење, а во одредени ситуации мора да користи и инвалидска количка.

Сепак, хуморот останал еден од нејзините најважни начини за справување со ситуацијата.

„Најважно за мене беше чувството за хумор. Ги замолив пријателите и семејството да се шегуваат со мене што е можно повеќе, а најважно од сè – да не се однесуваат кон мене како кон болна личност“, напишала Дејвис.

Таа додала дека не се плаши од она што следува и дека е помирена со својата ситуација.

„Не се плашам од она што следува. Помирена сум со тоа“, порачала актерката.

Дејвис открила дека најголемата болка ја чувствува поради своето семејство, бидејќи смета дека за нив ситуацијата е многу потешка отколку за неа.

Сака повторно да работи

И покрај болеста, актерката не се откажува од работите што ѝ значат. Таа најавила дека сака да продолжи да се занимава со заштитата на животните, но и повторно да работи како актерка.

„Сè уште би сакала да продолжам да работам. Совршено сум способна за тоа, а глумата е една од најголемите радости во мојот живот“, истакнала таа.

На крајот од својата објава, Дејвис им испратила порака и на луѓето кои минуваат низ слична борба.

„Ракот бара многу од нас, физички и психички. Сите се справуваме со тоа на начин на кој самите ќе избереме. Ви испраќам многу љубов на сите“, напишала актерката.

Луси Дејвис од 2001 до 2003 година ја играше улогата на рецепционерката во британската верзија на серијата „The Office“. Позната е и по улогата на тетка Хилда во серијата на Нетфликс „The Chilling Adventures of Sabrina“, како и по настапот во филмот „Shaun of the Dead“ од 2004 година.

Последен пат на големото платно се појави во филмот „Wonder Woman“ од 2017 година.