Македонката Бојана исчезна со своето малолетно дете – полицијата ја бара, осомничена е за убиство

Полицијата во Хрватска интензивно трага по 33-годишната државјанка на Македонија, Бојана Пешевска, која, како што пишуваат хрватските медиуми, исчезнала со нејзиното малолетно дете.

Нејзиното исчезнување е пријавено на 17 август во Вировитица, а случајот предизвика големо внимание во јавноста бидејќи против неа во Хрватска веќе се води судска постапка за вмешаност во бруталното убиство на Амар Софиќ од Тузла.

Според податоците од хрватското МВР, Пешевска е висока околу 165 сантиметри, има руса коса и кафеави очи.

Во моментот кога последен пат била видена носела кратка широка маица со натпис, кратки спортски панталони и патики. Додека првообвинетиот за убиството се наоѓа во притвор, таа се бранеше од слобода.

Судскиот процес кој се води пред Жупанискиот суд во Карловац го товари 25-годишниот Јуре Удоровиќ за тешко убиство од користољубие, додека Македонката се товари за непријавување на злочинот, фалсификување исправи и заверка на невистинита содржина.

Според обвиниението, во ноември 2024 година, Удоровиќ му ставил лекови во алкохол на Софиќ и го зашаметил, а потоа со дрвен предмет му нанел тешки повреди на главата и телото.

Потоа, гол го фрлил во реката Купа, каде што тој се удавил.

Истиот ден, Пешевска се товари дека зела фалсификуван купопродажен договор и го препишала автомобилот БМВ (BMW) на жртвата на свое име за 2.500 евра, иако знаела дека Софиќ е мртов.

Меѓусебни обвинувања на обвинетите

Иако двајцата обвинети на суд се изјасниле за невини, во нивните дадени искази пред полицијата изнесоа потполно спротивставени верзии за на настанот

Според Удоровиќ, тој по тепачката кај реката се вратил во станот кај Бојана и ѝ кажал што направил. Според него, таа му рекла да молчи и самата го организирала препишувањето на автомобилот.

Хрватското Министерство за внатрешни работи апелира до сите граѓани кои имаат каква било информација за Бојана Пешевска веднаш да се јават на полицискиот број 192.

Извор: Гламур