Мирисот на чад кој попладнево се чувствува во Скопје доаѓа од големиот пожар на планината Жеден, во атарот на селото Бојане, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Пожарот од тетовска страна се движи кон скопската страна на планината. Станува збор за тежок и тешко пристапен терен, поради што гаснењето е отежнато“, изјави Ангелов.
Тој очекува во текот на попладневните часови пожарот да биде ставен под контрола.
Во гаснењето се ангажирани пожарникари, кои, како што посочи, се исцрпени поради големиот број пожари со кои се справуваат во изминатиот период.
Во меѓувреме, надлежните служби вршат извидување на теренот со хеликоптер за да се процени состојбата и насоката на ширење на огнената линија.

