Тажната вест ја објавија од Бабам Битола.
ПОЧИНА НИКОЛА БОГОЕВСКИ – БИЗОНОТ, ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ СПОРТИСТИ ШТО ГИ ИМАЛА БИТОЛА
На 76-годишна возраст, вчера, 25 август 2026 година, почина Никола Богоевски – Бизонот, едно од позначајните имиња во спортската историја на Битола и поранешен фудбалер на ФК Пелистер.
Богоевски беше исклучително сестран спортист. Уште како млад се занимавал со гимнастика и атлетика, а особено се истакнал во повеќебој. Како младински првак на Југославија во повеќебој, во традиционалниот избор на спортските работници и „Битолски весник“ бил прогласен за најдобар спортист на Битола за 1969 година.
Подоцна целосно се посветил на фудбалот и долги години го носел зелено-белиот дрес. Како десен бек бил дел од познатата генерација на Пелистер од сезоната 1974/75, која обезбеди пласман во Втората сојузна лига на Југославија – група Исток.
Поради својата физичка сила, брзина, продорност и бескомпромисност на теренот го добил прекарот „Бизонот“, по кој остана препознатлив меѓу генерациите битолчани и љубителите на фудбалот.
Со неговото заминување, Битола губи уште еден претставник на една значајна спортска генерација која остави трага во историјата на градот и ФК Пелистер.
Погребот ќе се изврши во четврток, 27 август 2026 година, во 12:00 часот, на Старите светонеделски гробишта во Битола. Посмртните останки ќе бидат изложени од 10:00 до 12:00 часот во капелата на црквата „Св. Недела“.
Фотографијата е од доделувањето на признанието за најдобар спортист на Битола за 1969 година.
Вечна му слава и благодарност за спортската трага што ја остави во Битола.

