Николовски: Не може зголемувањето на пензиите да биде исто за оние кои плаќале придонеси и оние кои земале пари на рака

Околу 350 илјади пензионери сè уште не знаат колкаво ќе биде септемвриското зголемување на пензиите. Се знае дека ќе има процентуално усогласување според законската формула, но конечниот процент сè уште не е утврден.

Според проценките, зголемувањето би можело да се движи меѓу три и пет проценти, но за конечната пресметка потребен е статистички податок за просечната плата за јуни.

Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери, за „Локално“ вели дека повторното воведување на процентуалното усогласување на пензиите е поправеден модел, бидејќи висината на пензијата треба да го следи стажот и придонесите што пензионерот ги уплаќал во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување.

-Не може оние кои уплаќале помалку години во Фондот за ПИОМ да имаат исто зголемување како оние кои работеле и уплаќале придонеси 30 и повеќе години. Пензијата е економска категорија, а не социјална категорија.

На оние кои имаат ниски пензии државата треба да им обезбеди соодветна социјална помош, но не преку модел со кој сите ќе добиваат исто зголемување, без оглед на стажот и придонесите, вели Николовски.