УХМР објави мапа со предупредување за Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи издаде жолт метеоаларм за целата територија на државата за денес, 3 септември. По претежно сончевото и топло претпладне, во попладневните часови следува бран на нестабилност проследен со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе прераснат во невреме со силен ветер и град. Во делови од скопската котлина исто така постојат услови за краткотрајно невреме.

Официјалните мерења на УХМР во 11:00 часот покажуваат највисока температура во Гевгелија од 29,5 степени Целзиусови. На Зајчев Рид во Скопје се измерени 28,2 степени, во Тетово 26,7, а во Велес 26,6 степени.

Најсвежо планинско утро бележи Попова Шапка со измерени 17 степени, додека во Крушево живата на термометарот се искачи на 20,3 степени. На мерните станици Маврови Анови, Лазорополе и Радовиш Пожар податоците за утринската температура изостанаа од официјалниот биланс.

Утринскиот хидролошки билтен регистрира стабилни нива на речните корита, со мали варијации. Нивото на реката Вардар на мерното место кај Железничкиот мост во Скопје утринава изнесуваше 71 сантиметар, што е за еден сантиметар помалку од вчера и блиску до септемврискиот просек од 68 сантиметри. Кај Јегуновце реката бележи пад од 58 на 50 сантиметри.

Кај природните езера, Дојранското Езеро задржува водостој од 145,07 метри надморска височина, што е за 106 сантиметри под договорениот минимум, со утринска температура на водата од 26,6 степени. Преспанското Езеро кај Наколец бележи водостој од 841,59 метри со температура на водата од 24 степени. Охридското Езеро утрово има кота од 693,48 метри.

Утре, петок, времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, но со умерен, а повремено засилен ветер од северен правец. Сличен тренд ќе преовладува и во главниот град, каде ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.

За време на викендот и почетокот на идната недела продолжува сончевото време со постепен пораст на дневните температури. Во сабота максималните вредности ќе се движат од 29 до 36 степени, во недела до 37 степени, додека во понеделник на 7 септември термометрите локално ќе достигнат и до 38 степени Целзиусови.