Тажна вест го потресе македонскиот спорт. Во тешка сообраќајна несреќа што се случила во текот на ноќта на патниот правец Кичево–Охрид, животот го загуби 33-годишниот охридски кошаркарски тренер Антонио Савевски.
Савевски беше добро познато име во македонската кошарка, особено во работата со младинските категории, каде што со години придонесуваше за развојот на младите кошаркари.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 23 часот. Возилото „Хјундаи“ со охридски регистарски ознаки, во кое се наоѓал Савевски, најпрво удрило во кучиња скитници, по што излетало од патот и се забило во металната заштитна ограда. По силниот удар, автомобилот се запалил.
Зад себе Савевски остава значаен тренерски ангажман во младинската кошарка. Во текот на кариерата работел во повеќе клубови, меѓу кои „Охрид“, „Вардар“ и „Водно Санс“, додека неговиот последен ангажман беше во „Ангели“.
Неговата прерана смрт претставува голема загуба за семејството, пријателите, колегите, младите кошаркари со кои работел, но и за целата македонска спортска јавност.
Нека му е вечна слава и почит.

