Страотна несреќа помеѓу две возила – има повредени

Тројца полициски службеници се повредени во сообраќајна несреќа што вчера се случила на булеварот „Крсте Мисирков“ во Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.

Според информациите, несреќата била пријавена на 3 септември околу 13 часот, а во судирот учествувале патничко возило „МГ“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 29-годишниот М.М. од Кичево, и полициско возило „Шкода“, зад чиј волан бил 31-годишниот Н.Ѓ. од Скопје.

Во несреќата со телесни повреди се здобиле возачот на полициското возило, како и неговите сопатници – 35-годишниот Т.Џ. од селото Батинци и 35-годишниот П.Т. од Скопје, кои се полициски службеници.

Повредените биле пренесени во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде им била укажана лекарска помош.

Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Скопје, а полицијата работи на утврдување на причините и околностите под кои дошло до сообраќајниот судир.