Нов голем скок на цената на нафтата

Фјучерсите на суровата нафта од типот „Брент“ го достигнаа највисокото ниво во последните шест недели, приближувајќи се до 99 долари за барел, откако јеменските Хути, поддржани од Иран, извршија напади врз енергетски постројки и градови во Саудиска Арабија.

Ова го истакнува ризикот од ширење на конфликтот во регионот и дополнителните тешкотии во снабдувањето на светските пазари со гориво, пренесува Ројтерс.

Истовремено, цените на бакарот достигнаа рекордно високи нивоа, јенот зајакна, додека акциите паднаа по серијата напади врз енергетски постројки низ регионот на Заливот.

Цената на дизелот достигна рекордни нивоа и речиси се удвои во споредба со периодот пред почетокот на конфликтот, а истото се случи и со бензинот.

Повторниот раст на инфлацијата во последните недели изврши притисок врз берзата, главно поради тоа што приносите на обврзниците скокнаа на највисоко ниво во последните неколку години, вршејќи притисок врз централните банки да ги зголемат каматните стапки.,

Се очекува Европската централна банка речиси сигурно да ги зголеми каматните стапки во еврозоната за четвртина процентен поен овој четврток, додека станува сè поверојатно дека и Банката на Јапонија ќе го стори истото следната недела.

Тоа доведе до најголем раст на јапонскиот јен во последните две години.

Акциите на европските берзи ослабеа, при што индексот STOXX 600 падна за 0,4 отсто. Фјучерсите на индексот S&P 500 забележаа пад од 0,3 отсто, додека фјучерсите на Nasdaq пораснаа за 0,1 отсто.

Податоците за инфлацијата во САД, кои треба да бидат објавени во петок, би можеле да бидат клучни за очекувањата во врска со исходот од состанокот на Федералните резерви следната недела.

Во моментов, паричните пазари укажуваат дека трговците ја проценуваат веројатноста за зголемување на каматните стапки на околу 58 отсто.