Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, како дел од мерките за ублажување на ценовниот удар врз граѓаните и стопанството во услови на кризна состојба и можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Повластената даночна стапка ќе се применува од 00:01 часот на 15 септември до 24:00 часот на 28 септември 2026 година.
Според владините пресметки, мерката треба значително да го амортизира очекуваното поскапување. Кај дизелот, наместо раст од околу пет денари за литар, се очекува цената да се намали за околу два денари, што значи вкупно ублажување од околу седум денари, со нова цена од приближно 99 денари за литар. Кај бензините, се очекува зголемување од околу 3,5 денари, при што ЕУРОСУПЕР БС-95 би чинел околу 100,5 денари, а ЕУРОСУПЕР БС-98 околу 102,5 денари за литар.
Од Владата велат дека целта е да се заштити животниот стандард на граѓаните, да се намали финансискиот товар и да се даде поддршка на компаниите. Истовремено, најавуваат дека и натаму ќе ги следат состојбите на пазарот на нафтени деривати и, доколку има потреба, ќе бидат разгледани и дополнителни мерки.

