Со неверување, голема тага и болка, од „Охрид Фест – Охридски трубадури“ ја споделија веста дека починал нивниот долгогодишен пријател, соработник и близок член на фестивалското семејство.
Од фестивалот велат дека неговото заминување ги оставило без зборови, особено поради сите планови, идеи и заеднички моменти кои останале недоживеани.
Во емотивната посвета, неговите колеги и пријатели се простуваат од него со зборови исполнети со љубов и благодарност.
„Драг наш пријателе, драг наш Гиц, заминуваш премногу рано.
Останаа толку многу неискажани зборови, планови и идеи кои требаше заедно да ги реализираме. Останаа фестивали што требаше заедно да ги организираме, моменти што требаше заедно да ги доживееме и уште многу спомени што допрва требаше да ги создадеме.
Но, животот понекогаш безмилосно нè потсетува дека некои средби се последни, а ние не сме ни свесни дека последен пат се поздравуваме.“
Од „Охрид Фест – Охридски трубадури“ нагласуваат дека тој за нив не бил само соработник, туку пред сè пријател и човек кој бил дел од нивното фестивалско семејство.
„Ќе ни недостигаш во разговорите, во подготовките, зад сцената, во фестивалската еуфорија и во сите моменти кога ќе се собереме заедно. Токму тогаш најмногу ќе почувствуваме колку многу ни недостигаш.
Ти благодариме за секој миг што го сподели со нас. За довербата, пријателството и соработката. За секоја насмевка, секој разговор и секој момент кој денес останува како спомен.“
Тие потсетуваат дека луѓето можат да заминат од овој свет, но споменот за нив останува меѓу оние кои ги сакале и почитувале.
„Ти остави трага меѓу нас и таа трага ќе остане засекогаш.
На секој следен „Охрид Фест“ ќе има моменти кога ќе помислиме дека треба да си тука. Можеби тогаш ќе погледнеме кон небото и ќе си кажеме: „Еве го нашиот пријател. Само што сега е таму, од каде што нè гледа.“
Нека ти е светол патот, драг наш пријателе. Нека твоето име засекогаш се споменува со љубов, почит и убави спомени.“
Од фестивалот упатија и последна порака со која се простуваат од својот пријател:
„Почивај во мир.
Од денес едно место во нашето големо фестивалско семејство ќе остане празно.
Но, во нашите срца – твоето место ќе остане засекогаш.
Со љубов и неизмерна почит,
твоето семејство од „Охрид Фест – Охридски трубадури“.“

