Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) објави најнова метеоролошка мапа која покажува активни нестабилни процеси во повеќе делови од државата.
Според информациите на УХМР, југоисточно од Катланово е регистрирана поинтензивна нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на град.
Во меѓувреме, од југозапад кон Скопската Котлина се приближува нестабилна облачна маса од која веќе се бележат умерени врнежи од дожд и засилен ветер.
Метеоролозите внимателно ја следат состојбата, бидејќи нестабилноста може дополнително да се развива во наредните часови.
Зголемена облачност е присутна и во Охридскиот регион, каде што има појава на слаби врнежи од дожд.
УХМР апелира граѓаните да бидат внимателни поради можноста за краткотрајни временски непогоди, особено во подрачјата зафатени од грмежливи процеси и засилен ветер.


