Драматична спасувачка акција во Македонија

Три лица се нашле во опасност откако нагло се зголемило нивото на Црна Река кај Кавадарци, по испуштање вода од ХЕЦ „Тиквеш“.

Лицата во моментот се наоѓале под мостот, во коритото на реката, кога за кратко време нивото на водата се зголемило за повеќе од два метри.

Поради наглото надоаѓање, тие биле принудени да се искачат на бетонскиот дел од мостот, каде што останале додека чекале помош.

На местото веднаш пристигнале екипи на Територијалната противпожарна единица Кавадарци. Со брза и координирана интервенција, пожарникарите успеале безбедно да ги извлечат трите лица и да ги префрлат во сигурна зона.

За среќа, во инцидентот нема повредени.

Брзата реакција на пожарникарите спречила ситуацијата да прерасне во посериозна несреќа, а трите лица се спасени навреме од надојдените води на реката.