Македонската православна црква – Охридска архиепископија заедно со своите верници денеска го одбележуваат денот посветен на светите праведници Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица.
Дента по празнувањето на Малата Богородица е посветен на богородителите Јоаким и Ана од Назарет.
Иако овој ден во црковниот календар е запишан со црни болдирани букви, во народот овие светители уживаат огромна почит и за нив се врзани бројни вековни обичаи.
Свети Јоаким бил син на Варпафир, од коленото Јудино и директен потомок на царот Давид, додека Ана била ќерка на свештеникот Матан, од коленото Левиево. Нејзиниот татко имал три ќерки: Марија, Совија и Ана. Марија се омажила во Витлеем и ја родила Саломија.
Совија исто така се омажила во Витлеем ја родила Елисавета (мајката на Свети Јован Крстител), а Ана во Назарет се омажила за Јоаким.
Јоаким и Ана живееле богоугоден и мирен живот. Биле доста имотни, па своите приходи ги делеле на три дела: една третина користеле за себе, втората им ја раздавале на сиромасите, а третата ја жртвувале во ерусалимскиот храм. Во брак поминале цели 50 години, но немале деца.
Според тогашните сфаќања, бездетноста се сметала за голем грев и божја казна, па многумина ги сметале за недостојни.
Кога на старост отишле во храмот да принесат жртва, првосвештеникот Исахар го укорил Јоаким и го одбил неговиот дар бидејќи бил бездетен, а останатите луѓе ги туркале наназад. Ова длабоко ги натажило старите сопружници, па се вратиле дома и со солзи се молеле на Бога за чудо – да добијат барем едно дете за утеха во староста.
Бог ги услишил нивните искрени молитви и им го испратил ангелот да им ја објави веста за раѓањето на нивната преблагословена ќерка Марија, преку која ќе дојде спасението на светот.
Во деветтиот месец Ана ја родила Пресвета Богородица. Свети Јоаким поживеел 80 години, а Ана 79 години.
Народни обичаи
Овој празник во народот е познат и како Јаќимана или Јаќимовден.
Покрај тоа што одредени семејства го слават како домашна слава или заветен ден, за овој празник се поврзани многу обичаи.
Со оглед на тоа што празникот е запишан со црни болдирани букви, традицијата вели денеска да се одмори од тешки физички и домашни работи. Исто така во спомен на праведните Јоаким и Ана, на овој ден треба да му се помогне на оној што има помалку од нас.
Сепак, милостината не смее да се дава со гордост и суета, туку со искрена скромност и почитување кон оној што прима.
Во некои региони се уште постои обичај на овој ден да се даруваат блиските со подароци кои се завиткани во црвена хартија или содржат црвен детаљ, како симбол на љубов и здравје.
Најважното верување за денешниот ден е тој да се помине во кругот на семејството, а особено со родителите.
Строго треба да се избегнуваат кавги и недоразбирања, посебно во семејството, бидејќи се верува дека оние што ќе се скараат денеска, ќе ги следи малер и кавги во текот на целата година.
Тропар
Оние кои благодатно праведни беа по законот, Јоаким и Ана, младенец од Бога даруван ни родија. Затоа денес светло торжествува и радосно го празнува Божествената Црква чесниот ваш спомен, славејќи Го Бога, Кој ни ја воздигна силата на спасението во домот Давидов.
Ана се радува сега, ослободена од оковите на неплодноста, и Ја храни Пречистата, повикувајќи ги сите да Го воспеат Господа, Кој од Нејзината утроба им ја даде на луѓето единствената Мајка неискусобрачна.

