Kрвава пресметка: 24-годишен Македонец избоден со нож

Тешка улична пресметка се случила во саботата рано наутро во германскиот град Бад Зегеберг, при што тешко бил повреден 24-годишен македонски државјанин.

Инцидентот се случил околу 4:20 часот на улицата „Кирхштрасе“, во близина на градскиот плоштад. Според полициските информации, најпрво дошло до вербална расправија меѓу две групи, која набрзо прераснала во физичка пресметка.

За време на тепачката, 23-годишен германски државјанин употребил нож и му нанел тешки повреди на Македонецот. Повреден бил и 23-годишен ирачки државјанин.

Случајни минувачи веднаш му укажале прва помош на тешко повредениот Македонец и се обиделе да го запрат крвавењето. По пристигнувањето, полицајците ја продолжиле итната помош и успеале да го сопрат крвавењето, по што младиот Македонец бил пренесен во болница и итно опериран.

Неговите повреди првично биле оценети како опасни по живот, но по операцијата било соопштено дека повеќе не се наоѓа во животна опасност.

По инцидентот, тројца мажи побегнале со автомобил, но подоцна биле пронајдени во локална клиника и приведени. Меѓу нив бил и 23-годишниот осомничен за нападот со нож. По завршувањето на полициската постапка, по налог на Обвинителството во Кил, тие биле пуштени да се бранат од слобода.

Криминалистичката полиција во Бад Зегеберг ја продолжува истрагата и бара сведоци кои располагаат со информации за инцидентот.