Мицкоски потврди: За недела – две ќе има нова реконструкција

Премиерот Христијан Мицкоски најави нови кадровски промени во вториот и третиот ешалон на власта, кои треба да се случат во следните една до две недели.

Станува збор за позиции на заменици-министри и директори, а конечните решенија треба да бидат усогласени со коалициските партнери.

На новинарско прашање кога може да се очекуваат промените, Мицкоски рече дека веќе има претстава за кадровските решенија.

„Па, јас отприлика имам што, каде и како. Треба коалициски да потврдиме и ќе се случи во следнава недела-две“, рече Мицкоски.

Промените следуваат по реконструкцијата на Владата од јули, кога беа направени промени на повеќе министерски позиции. Уште при најавувањето на реконструкцијата, Мицкоски посочи дека прашањето за заменик-министрите ќе биде отворено наесен.

Засега премиерот не откри кои заменици-министри и директори ќе бидат сменети, ниту кои имиња се разгледуваат за нивни наследници.