Познатата американска телевизиска водителка и џез-пејачка Енџела Стриблинг почина на 58-годишна возраст, по двегодишна борба со рак на мозокот.
Стриблинг починала мирно во својот дом во саботата, на 26 септември. Веста за нејзината смрт ја потврдил нејзиниот сопруг Кен Вашингтон, кој открил дека во последните моменти покрај неа била и нејзината сестра Дарлин.
Нејзиниот сопруг порача дека зад себе остава „наследство од љубов, радост, добрина и инспирација“, како и глас и дух кои никогаш нема да бидат заборавени.
Познатата водителка својата борба со тешката болест во најголем дел ја чувала далеку од очите на јавноста. Сепак, во роденденска објава минатата година открила дека претходните 12 месеци биле меѓу најтешките во нејзиниот живот, споменувајќи ненадеен здравствен предизвик.
Енџела Стриблинг изгради повеќедецениска кариера во телевизијата, радиото и музиката. Во текот на 1990-тите ја водеше забавната емисија „Screen Scene“ на БЕТ, а подоцна стана препознатливо име и во џез-програмите на телевизиската мрежа, меѓу кои и „Jazz Central“.
Таа беше познат глас и на радиото WHUR 96.3 FM, каде ја водеше доцновечерната емисија „Pillow Talk with Angela“, која се емитуваше и преку SiriusXM.

