Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостување на Радио Лидер, откри детали за големата полициска акција која вчера беше реализирана во Прилеп, во рамки на која е разбиена сериозна организирана криминална група.
Според Тошковски, станува збор за група која со години дејствувала, а дел од нејзините членови повеќе од 15 години биле активни во криминални активности и, како што посочи министерот, биле „недопирливи за органите на прогон“.
На случајот Министерството за внатрешни работи работело повеќе од една година, во координација со Јавното обвинителство и странски партнерски служби.
Во текот на вчерашниот ден биле извршени околу триесетина претреси, а околу 21 лице ќе бидат опфатени во првичната кривична пријава, која во текот на денот треба да биде процесуирана. Постапувањето продолжува по итна постапка и по наредба на јавен обвинител.
Дејствувале и во Грција и Шпанија
Истрагата покажала сомненија дека дел од организираната криминална група во изминатиот период дејствувала и на територијата на Грција, особено во областа на Халкидики и Калитеа.
Таму, според сомненијата, биле извршувани сериозни кривични дела од областа на имотните деликти, меѓу кои и тешки кражби.
Дел од групата, според информациите со кои располага истрагата, бил активен и на територијата на Шпанија. Едно од лицата, кое било во куќен притвор во Шпанија, побегнало од таму, но подоцна било обезбедено од македонската полиција и соодветно процесуирано.
„Навистина станува збор за една сериозна организирана криминална група којашто, пак ќе повторам, многу години роварела не само во Македонија туку и во земји членки на Европската Унија“, истакна Тошковски, додавајќи дека групата била предмет на опсежна истрага повеќе од една година.
Сомненија за полициски службеници
Во рамки на истрагата се проверуваат и сомненија дека одредени криминални активности биле олеснувани од полициски службеници.
Според информациите изнесени од министерот, постојат сомненија дека службеници споделувале информации со членови на криминалната група. Поради тоа, во рамки на вчерашната акција биле извршени и неколку претреси кај полициски службеници за кои постојат сомненија дека соработувале со дел од осомничените.
Тошковски откри и дека член на најтесното семејство на еден од осомничените пред неколку месеци бил уапсен од француската полиција. При претрес во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин, за кои, според информациите што ги изнесе министерот, постоела цел да бидат донесени во Македонија.
Пронајдени над 120.000 евра и одземени луксузни возила
При вчерашните претреси била пронајдена и поголема сума готовина, односно над 120-130.000 евра.
Покрај парите, биле одземени и околу десет возила, меѓу кои две „Масерати“ и две луксузни возила „Ленд Ровер“.
За едно од одземените возила постојат основани сомненија дека е поврзано со фалсификувана документација.
Истражните дејствија продолжуваат и денеска.
Се истражува и потеклото на имотот
Еден од клучните аспекти на истрагата, според Тошковски, е утврдувањето на имотот кој евентуално бил стекнат како резултат на криминални активности.
Целта, како што посочи министерот, не е само документирање и процесуирање на кривичните дела, туку и идентификување и одземање на имотот за кој ќе се утврди дека потекнува од криминални активности.
„Целта на оваа истрага и целта на овој кривичноправен процес којшто го преземаме не е само да го документираме, евидентираме и го процесираме кривичното дело коешто го правеле сторителите, за коешто имаме и те како собрано доказен материјал во изминативе година дена, туку целта е и сето она коешто е настанато како последица на кривичните дела од аспект на зголемување на имотна состојба, биде одземено и биде ставено во функција на државата“, рече Тошковски.
Истрагата опфаќа и сомненија за перење пари. Според досегашните сознанија, приносите стекнати преку криминални активности биле пуштани во правниот промет во Македонија, но и надвор од државата.
Истрагата располага и со трага поврзана со купопродажба на имот во соседна Србија.
Истрагата продолжува
Министерот Тошковски порача дека целта на акцијата е јасно да се покаже дека криминалните активности нема да бидат исплатливи и дека сторителите ќе одговараат, а нелегално стекнатиот имот ќе биде предмет на одземање.
„Целта е да покажеме и упатиме јасна порака дека криминалот повеќе во Македонија е неисплатлив и дека секој којшто согрешил и секој којшто сторил кривично дело, без оглед на каков тип на кривично дело станува збор, особено трговија со дрога и труење на нашите најмлади, ќе одговара“, порача Тошковски.
Истрагата продолжува во координација со Јавното обвинителство. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со истражните дејствија со цел целосно документирање на случајот, како и утврдување на имотот за кој постојат сомненија дека е стекнат преку криминални активности.

