Големата полициска акција продолжува – еве каде е извршен претрес и што е пронајдено

Големата полициска акција во Прилеп продолжува, а полицијата извршила претрес и на 37. локација, при што во банкарски сеф биле пронајдени над 50 илјади евра.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информира дека досега кривични пријави добиле 21 лице. Во оваа бројка не се вклучени четворицата осомничени полицајци, за кои постапува внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи.

Од осомничените лица, за 14 е определен притвор до 30 дена, додека четворица се во куќен притвор.

Јанев посочи дека истрагата продолжува и не ја исклучи можноста да бидат опфатени и нови лица.

„Не е исклучено да бидат осомничени нови лица. Ќе следат и нови активности и нови чекори“, рече Јанев, додавајќи дека надлежните ги следат податоците, информациите и трагите до кои доаѓаат во текот на истрагата.

Покрај претресите, во Прилеп е засилено и полициското присуство. Според Јанев, целта е полицијата преку поголемо присуство на терен да ја зајакне комуникацијата и довербата со граѓаните.

Тој оцени дека со акцијата, која беше спроведена во Прилеп, Скопје и Оструга, паднал „митот за недопирливите во Прилеп“.

Јанев информираше и дека безбедносната состојба во Прилеп во моментот е поволна, а полицијата ќе продолжи со активности за намалување на криминалот и нарушувањата на јавниот ред и мир.

Истрагата продолжува, а надлежните најавуваат нови активности во зависност од собраните докази и информации.