Македонската православна црква и нејзините верници денеска го одбележуваат споменот на Светиот великомаченик Евстатиј Плакида, еден од најпочитуваните светители кој во народната традиција се помни како голем заштитник на ловците, шумите, но и на сите луѓе кои минуваат низ тешки животни искушенија.
Покрај Свети Евстатиј македонската православна црква заедно со верниците денес ги празнува и Светиот кнез Михаил и Теодор бојаринот, преподобниот маченик Иларион и светите исповедници Aнастасиј и Aнастасиј.
Свети Евстатиј во младоста се викал Плакида и бил познат и храбар римски војвода во времето на царевите Тит и Трајан.
Иако во тоа време бил незнабожец, тој важел за исклучително добар, праведен и милостив човек.
Неговиот живот засекогаш се променил за време на еден лов. Додека бркал елен низ шумата, по Божја промисла меѓу роговите на животното се појавил светол крст, а Плакида го слушнал гласот Господов кој го повикал да се крсти.
По ова чудо, тој заминал кај христијански свештеник и се крстил заедно со својата сопруга и двата сина, земајќи го името Евстатиј.
Големи искушенија
По крштевањето, Евстатиј се соочил со тешки искушенија кои му биле претскажани: ги изгубил имотот и богатството, сопругата му била одземена, а децата му биле грабнати од диви ѕверови.
Сепак, благодарение на длабоката вера и трпение, тој не се предал на очајот. По 15 години чесен труд како селски наемник во Египет, со Божја помош повторно се обединил со своето семејство.
За време на владеењето на царот Адријан, кога од него било побарано да им принесе жртва на паганските богови, Евстатиј отворено признал дека е христијанин. Поради тоа, тој и неговото семејство биле фрлени во усвитен метален вол каде што го завршиле маченичкиот живот, но нивните тела останале неповредени од огнот.
Адети и народни верувања на денешниот ден
Бидејќи и самиот бил страстен ловец, Свети Евстатиј уште од третиот век се слави како заштитник на ловците. На овој ден, ловците често заминуваат во природа и се собираат за здравје и „ловечка среќа“.
Според народното верување, на денешниот ден се препорачува да се прошета низ шума, парк или ливада, бидејќи се верува дека тоа носи здравје, добра среќа и мир во домот за целата година.
Житието на овој светител потсетува на важноста на трпението во тешките моменти. Денеска се кажува молитва за заштита на семејството од сите неволји и за зачувување на духовниот мир.
Тропар
Ветување над тебе о великомачениче Евстатие, исполни Спасителот на сите, низ мноштво патчиња те приведе Оној Кој стана Патот и Животот твој. Вистината ве собра под Крстот тебе, Теопистија твојата жена и децата, со една душа и едно срце да се молите на Христос вашиот Бог, затоа о славни маченици примете и од нас пофалба, и молба да бидете наши застапници пред Господа.
Покрај Свети Евстатиј македонската православна црква заедно со верниците денес ги празнува и следните светци:
Светиот кнез Михаил и Теодор бојаринот
Черниговскиот кнез Михаил отиде во татарската орда со својот бојарин Теодор на повик од царот Бати. Но бидејќи не сакаа според татарскиот обичај да поминат низ оган и да им се поклонат на идолите при влезот кај царот, ги убија со меч, во 1244 година.
Нивните мошти сведочат за нивната маченичка смрт за Господ Христос и почиваат во Архангелскиот храм во Москва.

