Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја започна распределбата на картичките за зелена нафта за земјоделците.
Мерката стартува во период кога земјоделците се подготвуваат за есенската обработка на земјоделските површини и сеидбата. За оваа мерка годинава се обезбедени 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра, а подготвени се вкупно 48.037 картички.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски информираше дека распределбата започнала од Свети Николе, а потоа продолжила во Битола. Висината на финансиската поддршка зависи од површините и културите што земјоделците ги пријавиле во барањата за директни плаќања за 2025 година. Поддршката се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар, во зависност од земјоделската култура.
За житните култури, како пченица, јачмен, пченка и ориз, предвидени се 3.200 денари по хектар. За сончоглед, маслодајна репка, луцерка и одредени други култури поддршката изнесува 4.800 денари по хектар. За градинарските култури опфатени со мерката и за лозовите насади се издвојуваат 9.600 денари по хектар. Највисоката поддршка, од 12.000 денари по хектар, е предвидена за јаболко, круша, слива, праска и дел од овошните култури. За дуња, калинка, бадем, лешник и други култури од оваа категорија се исплаќаат 8.800 денари по хектар, додека за тутунот поддршката изнесува 11.000 денари. За оревите и питомите костени се предвидени 6.000 денари по хектар.
Според информациите од Министерството, во Свети Николе биле доделени првите од вкупно 1.900 картички, со вкупна вредност од повеќе од 38,2 милиони денари. Во Битола се подготвени 3.858 картички, чија вкупна вредност изнесува околу 57,5 милиони денари. Од МЗШВ посочуваат дека целта е финансиската поддршка да стигне до земјоделците токму во периодот кога имаат најголеми трошоци за подготовка на нивите, набавка на семенски материјал и ѓубрива, како и одржување на земјоделската механизација.

