37-годишен скопјанец се соочува со две кривични пријави откако управувал мотоцикл на едно тркало по булеварот Партизански одреди во Скопје, без да поседува возачка дозвола, а потоа објавил видеа од возењето на социјалната мрежа ТикТок, информира Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил откриен откако на 10 октомври на социјалните мрежи било објавено видео на кое се гледа како мотоциклист со мотор „сузуки“ во повеќе наврати вози на едно тркало по булеварот, во близина на крстосницата со улицата 29 Ноември. Со ваквото управување, според полицијата, биле загрозени неговата безбедност и животите на другите учесници во сообраќајот.
По објавувањето на снимката, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, во соработка со системот „Безбеден град“, презело мерки за утврдување на идентитетот на возачот.
Полициските проверки покажале дека станува збор за 37-годишен скопјанец со иницијали А.А., кој на 3 октомври го управувал мотоциклот без да поседува возачка дозвола. Во разговор со полицијата, тој потврдил дека го возел моторот и дека објавил неколку видеа од возењето на ТикТок.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Против мажот ќе бидат поднесени кривични пријави за „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, и за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство“, согласно член 298.

