Повисоки плати, нов колективен договор и системско решение за професионалните војници кои навршуваат 45 години се дел од промените што ги најави Министерството за одбрана. Министерот Владо Мисајловски соопшти дека зголемувањето на платите во Армијата и Министерството треба да започне од 1 јануари, а решението за статусот на војниците веќе поминало на владин колегиум и наскоро ќе се најде на седница на Владата.
Најавите беа соопштени на свеченоста по повод Денот на Командата за операции, одржана во касарната „Боро Менков“ во Куманово, на која присуствуваа и претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, пратеници, дипломати и одбранбени аташеа, објави 4news.mk
Мисајловски ѝ се заблагодари на претседателката за поддршката, како и на раководството на Генералштабот и на вработените во Министерството за одбрана за нивниот ангажман во спроведувањето на реформите.
Тој информираше дека за време на неговиот мандат биле исплатени над 26 милиони евра по основ на судски тужби од 2019 и 2020 година, додавајќи дека паралелно се реализираат и обврските што произлегуваат од колективниот договор.
Нов колективен договор со синдикатите
Министерот најави дека во претстојниот период ќе биде потпишан нов колективен договор со синдикатите, при што, како што рече, ќе бидат разгледани нивните предлози.
Мисајловски уверува дека постојните права на вработените нема да бидат загрозени со новиот договор и дека целта е да се продолжи со унапредување на условите за работа и статусот на припадниците на одбраната.
Во однос на набавките, тој посочи дека обврските за новата опрема и возилата од типот „Страјкер“, како и за хаубиците, се реализираат редовно и дека предвидените плаќања се извршуваат.

