Извршителите се пожалија: Не ни се исплати да работиме!

Ниските тарифи кои со последните измени им се наложени на извршителите, но и други проблеми со кои се соочуваат, ја направиле нивната професија неисплатлива, поради што нема интерес за извршители, особено надвор од Скопје, се пожалија членовите на Комората на извршители, на тркалезна маса во Битола.

Тие велат дека поголемиот дел од нивната работа, околу 80 отсто, отпаѓа на комуналните предметни, а за некои не можат да ги наплатат трошоците на извршувањето.

Исто така, извршителите не може да наплатат услуга кај социјалните случаи, па се случува да финансираат наплата на туѓо побарување од сопствен џеб.

Извршителите бараат нивната работа да се уреди како во судовите – со секое барање за извршување да се уплаќа одредена сума, за извршителот воопшто да почне да работи – по примерот на судските такси.

„Бараме измени на Законот за извршување со воведување на надомест за отпочнување на процес на извршување.

Поднесуваш барање за извршување со извршна исправа и треба да платиш одреден износ за да може да почне да работи извршителот.

Како во судот, не бараме ништо посебно, таму нема отпочнување на судски процес без плаќање судска такса.

Надоместокот би бил за извршителот да може да ги покрие трошоците“, рече Ванчо Марковски, претседател на Комора на извршители.

Според официјалните бројки, лани извршителите реализирале 63.069 присилни наплати и според овој податок, 2021 е рекордна година според наплатата на долгови.

Вкупната наплата во 2021 година изнесувала 130 милиони евра и таа е втора година „по успешност“ за извршителите по 2017-тата, кога тие наплатиле 166 милиони евра.

Извор: Слободен печат

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде