Надвор ретко излегувам зашто нема кој да ме изнесува…, вели Зулфија Ахмети.




– Ако не дојде некој да ни донесе јадење ние остануваме гладни, рече нејзината сестра Дашурија Ахмети…




Овие две сестри слепи и неподвижни оставени се на милост и немилост. Живеат сами во една мала соба во близина на Драчево. Не гледаат уште од раѓање, но последните години проблемите со нозете дополнително им го отежнале животот.




– Треба да чекаме да ни донесе некој јадење. Ако нема никој ќе си седиме гладни, вели Дашурија.




– Го гледате окото какво ми е, вчера многу ме болеше, не можам да се движам, некоја помош сама да си наоѓам и сами ми доаѓаат солзи на очите, се надоврза нејзината постара сестра Зулфија.




60-годишната Зулфија и нејзината помлада сестра Дашурија Ахмети зависат од помошта на роднини, но тие не секогаш се во можност да им помогнат. Сами не можат да си ги извршуваат ниту основните потреби.




– Еве јас примам терапија, пијам таблети за притисок, за циркулација, молам некого, ако се наоѓа некој тука. Ако е слободна жената ќе ја викнам и она има три мали деца, се пожали Зулфија.




– Мене ми е срам да кажам, користам памперси, како бебињата сум, а јас сама се движев, се бањав, рече Дашурија.




Единствени приходи од државата им се додатоците за туѓа нега и попреченост, но велат дека социјален работник не дошол да ги посети и да види како се мачат да преживеат.




– Јас имам голема немаштија, примам лекови, користам памперси. Немам големи примања 12.000 денари. Ако не даваш не помагаат. Што попрво да направиш, ни треба помош, рече Зулфија.




Зулфија, иако е лице со оштетен вид 22 години работела во Охис пред да отиде во стечај, но може да оствари право на пензија додека не наполни 62.




Единствена желба и на двете сестри е да бидат сместени во дом каде некој ќе се грижи за нив.
Извор: Сител