Сторија на Сител ја потресе Македонија: Две сестри слепи и неподвижни оставени на милост и немилост во една соба

 Надвор ретко излегувам зашто нема кој да ме изнесува…, вели Зулфија Ахмети.

– Ако не дојде некој да ни донесе јадење ние остануваме гладни, рече нејзината сестра Дашурија Ахмети…

Овие две сестри слепи и неподвижни оставени се на милост и немилост. Живеат сами во една мала соба во близина на Драчево. Не гледаат уште од раѓање, но последните години проблемите со нозете дополнително им го отежнале  животот.

– Треба да чекаме да ни донесе некој јадење. Ако нема никој ќе си седиме гладни, вели Дашурија.

– Го гледате окото какво ми е, вчера многу ме болеше, не можам да се движам, некоја помош сама да си наоѓам и сами ми доаѓаат солзи на очите, се надоврза нејзината постара сестра Зулфија.

60-годишната Зулфија и нејзината помлада сестра Дашурија Ахмети зависат од помошта на роднини, но тие не секогаш се во можност да им помогнат. Сами не можат да си ги извршуваат ниту основните потреби.

– Еве јас примам терапија, пијам таблети за притисок, за циркулација, молам некого, ако се наоѓа некој тука. Ако е слободна жената ќе ја викнам и она има три мали деца, се пожали Зулфија.

– Мене ми е срам да кажам, користам памперси, како бебињата сум, а јас сама се движев, се бањав, рече Дашурија.

Единствени приходи од државата им се додатоците за туѓа нега и попреченост, но велат дека социјален работник не дошол да ги посети и да види како се мачат да преживеат.

– Јас имам голема немаштија, примам лекови, користам памперси. Немам големи примања 12.000 денари. Ако не даваш не помагаат. Што попрво да направиш, ни треба помош, рече Зулфија.

Зулфија, иако е лице со оштетен вид 22 години работела во Охис пред да отиде во стечај, но може да оствари право на пензија додека не наполни 62.

Единствена желба и на двете сестри е да бидат сместени во дом каде некој ќе се грижи за нив.

Извор: Сител

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде