Борисов и Каракачанов освоиле најмногу гласови во Македонија – Кирил Петков трет

ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов освои најмногу гласови во Македонија на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, четврти за нецели две години, според податоците од бугарската Централна изборна комисија.

Од вкупно 461 гласач на избирачките места во Македонија, за партијата на Борисов, која освои најмногу гласови и во Бугарија, гласале 127.

ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, која во Бугарија освои 0,8 отсто, во Македонија собра 91 глас.

Продолжуваме со промената на Кирил Петков освои 69 гласа во Македонија, а двоцифрен број гласови имаат уште Демократска Бугарија (38) и Преродба (30).

Утринава, поранешниот премиер Зоран Заев му честиташе на Борисов „за победата и освоената најголема доверба од бугарскиот народ“, нарекувајќи го Борисов негов добар пријател.

За бугарските избори во Македонија се гласаше во Скопје, Битола, Охрид, Велес, Штип, Струмица, Кавадарци и Прилеп.

По речиси 100% пребројани гласови во Бугарија, ГЕРБ води со 25,34% освоени гласови, пред Продолжуваме со промената (20,20%).

Уште четири партии го надминаа прагот од 4% освоени гласови потребни за влез во парламентот, но меѓу нив не е Има таков народ, која беше победник на изборите во јули минатата година, но потоа не успеа да формира влада.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде