Нови проблеми, немало пари за гориво – застануваат ли автобусите?!

Градот, односно Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ на приватните превозници им должи околу 68 милиони денари што треба да им се исплаќаат неделно и месечно, со што се доведува во прашање јавниот градски превоз во Скопје во делот кој го покриваат тие.

Директорот на приватното претпријатие за јавен превоз „Слобода превоз“, Ленин Јовановски вели дека долгот кон нив изнесува околу 40 милиони денари.

– Константно ни должат. Во понеделникот имавме средба со претставници од ЈСП и со секретарот на град Скопје на која е договорено до петок  да се исплати половината од сумата која ја должат.

Освен тоа, договорено е да се утврди динамиката на тековната исплата на авансот за наредниот период, како и за расчистување на останатиот доспеан долг – информираше Јовановски.

Тој вели дека имаат разбирање за проблемот и оти Градот помага и како медијатор и со средства и е вклучен во процесот на изнаоѓање решение за овој проблем, но сепак имаат големи потешкотии во работењето кои не можат да се поднесат, доколку не се решат на време.

– Доколку не се превенира проблемот ќе не доведе во состојба да го прекинеме јавниот градски превоз во Скопје во делот кој го покриваат приватните превозници. Финансиски не може да се издржи. Не ќе можеме да ставиме гориво во возилата, а треба да ги исплатиме обврските кон нашите добавувачи – вели Јовановски.

Тој се надева дека нема да дојде до такво нешто, бидејќи како што најави на повидок е решавање на проблемот. Јовановски информира дека разговарале со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да се работи на предлог-измена на цената која е утврдена по изминат километар во која ќе бидат вкалкулирани новите цени на оние производи кои што тие ги користат вршејќи ја дејноста, а се дел од формулата според која се пресметува цената по изминат километар.

Милорад Димитриевски, еден од сопствениците на „Макекспрес“,,вели дека долгот кон нив е околу 29 милиони денари за 2,5 месеци, односно за половина јули, цел август и цел септември и оти иако повеќе пати се обраќале до Градот, решение никако да се најде.

– Немаме пари за гориво, за одржување на возилата и за исплата на плати и придонеси за возачите. Нарушено е целокупното работење – потенцира Димитриевски.

Тој рече дека било пуштено нешто ситно и се надева дека до петок ќе биде исплатена поголема сума од долгот за да се излезе од оваа агонија.

Извор: Вечер

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде