Дека живеачката е неподносливо скапа денеска потврда даде Државниот завод за статистика. За една година или од септември лани до септември годинава трошоците на живот се зголемени за речиси 20 отсто.
Дел од основните прехранбени производи се поскапи и за 50 отсто, а властите со месеци се фалат дека мерките кои ги носат како замрзнувањето на маржите даваат резултат и ја контролираат состојбата.
Синдикатите револтирани, работниците не само што мака мачат да го прехранат семејството, туку сега на големо работодавачите на властите им се закануваат и со откази доколку не добијат државна помош за струја.
Во септември годинава во однос на истиот месец лани инфлацијата е зголемена за 18,7 отсто. За само еден месец или, од август до септември годинава трошоците на граѓаните се зголемени за 1,6 отсто. Извештајот кој го објави Државниот завод за статистика покажува дека за една година трошоците на граѓаните за набавка на храна и пијалоци се зголемени 28,7 отсто.
Трошоците за домување како сметките за струја, вода, парно се повисоки за 19,4 отсто. Кај транспортот пак забележан е раст за 13,6 отсто. Извештајот на статистичарите само ги потврдува реакциите во јавноста дека дел од прехранбените производи кои редовно граѓаните ги набавуваа, сега стануваат луксиз. За една година лебот и житариците се поскапи за 50 отсто, месото за над 26 отсто, рибата за 13 отсто, зејтинот е поскап за 45 отсто, овошјето и зеленчукот околу 15 отсто, шеќерот.
Џемот и останатите кондиторски проиизводи се поскапи за 23 отсто, кафето чајот и какаото за 18 отсто. Ваквите податоци дополнително ги револтираа борците за работнички права кои сметаат дека Владата не презема ништо во изминатиот период да се спречи ваквиот галопирачки раст, а трендот на осиромашување на работниците и граѓаните никој не го спречува, туку напротив газдите се закануваат со откази.
„Владата и работодавачите го честитаа 07 октомври, Меѓународниот ден за пристојна работа со непристојни плати и непристојна работа, со сиромашни работници и граѓани кои веќе не можат да си ги дозволат основните потреби за егзистенција. Поради се поевидентното зголемувањето на цените, имаме тренд на осиромашување на работниците и граѓаните и итно е потребно зголемување на платите со кој ние работниците без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница.
Бизнисот и газдите и во време на економска и енергетска криза направија милионски добивки додека работниците едвај преживуваат и го чувствуваат на сопствена кожа најголемото зголемување на трошоците за живот од 18.7%. Тоа што им е потребно на работниците е едноставно, поголеми пристојни плати и пристојни услови за работа“, велат од ССМ.
По серијата зголемувања на цените на млечните производи, владата реши да ја ограници и маржата на урдата, крајво бело сирење и мешаното бело сирење, кашкавалот, киселото млеко како и на павлаката и јогуртот. За овие производи се ограничува највисока трговска маржа до десет проценти во трговијата на големо и трговијата на мало.
„Инфлаторните движења во сите европски држави се идентични и тие произлегуваат од зголемената цена на енергенсите на светските пазари, од зголемените цени на храната но и од зголемените цени на суровините, со што дополнително се зголемува цената на транспортот и на производствените трошоци на преработувачката индустрија во секој сегмент.
Како држава треба да се вратиме на основните прехранбени суровини, односно да произведуваме жито, јачмен, сончоглед, она што секоја држава го прави особено во услови на криза бидејќи тоа се културите кои што се најмногу потребни и кои што нашите земјоделци знаат добро да ги произведуваат“, велат од Владата.
Следната недела се очекува владиниот економски тим да излезе со конкретни мерки за граѓаните и за стопанството. Неофицијално се спомнуваат ваучери за набавка на храна и ваучери за сметките за електрична енергија. За ситуацијата да биде појасна како живеат граѓаните е податокот за минималната потрошувачка кошничка која за едно четири члено семејство во септември надмина 50 илјади денари. Со овие пари може да се набават само основните прехранбени производи во месецот, да се платат сметки, остануваат помалку од една третина за транспорт, набавка на некое парче облека и минимален дел за здравствени услуги.
Извор: Денар.мк