Не се само граѓаните на удар: Извршител наплатил 2 милиони евра на Министерството за здравство

Министерството за здравство на Канцеларијата на извршителот Крум Коцарев на крајот од месец септември му исплатило 2 милиони евра во три трансакции, покажува платформата „Отворени финансии“.

На 27 септември на сметката на Коцарев легнале три уплати од 61.226.323, 35.204.334 и 27.108.449 денари.

Од Министерството за здравство не ни одговорија што поточно значат овие три трансакции, но ни рекоа дека станува збор за стар долг од времето на големата поплава во скопско Стајковци,

Ченто и околината во 2016 и дека станува збор за судски спор со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје. Не е познато дали во игра тука е и приватен оператор и колкава е каматата, покрај основниот долг.

„Станува збор за судски спор помеѓу Министерство за здравство и Центар за јавно здравје Скопје, во врска со настанат долг од 2016 година при набавка на средства за дезинфекција на поплавените подрачја (од поплавата во реонот на Стајковци). 

Имено, со одлука на Владата од 15.08.2016 година Владата го задолжила Министерството и Центрите за јавно здравје да извршат дезинфекција,

при што Министерството е задолжено да ги обезбеди средствата за дезинфекција и тоа е реализирано, односно средствата се доставени до Центрите вклучувајќи го и ЦЈЗ Скопје“, гласи одговорот кој го добивме од МЗ.

Во контактот со извршителот Коцарев ни беше одговорено дека за детален одговор треба прво да ги разгледа документите и дека неговото извршно решение било по налог на ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје,

додека не е запознат за тоа дали е оштетен одреден приватен набавувач. Вели дека најголемата награда што еден извршител може да ја добие законски е 3.000 евра.

Министерството за здравство во 2016 по големото невреме и поплавата соопшти дека процесот на дезинфекција е завршен на 20 милиони метри квадратни во тој дел на Скопје и регионот.

Во изминатиот период излезе информација дека од министерството се бараат 8,5 милиони евра поради раскинување на договорот за изградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Извор: Фактор.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде