Скокна износот на К-15, еве колку изнесува минималниот износ

Со растот на просечната плата во Македонија, автоматски порасна и минималниот износ за К-15, кој, оваа година ќе изнесува 13.672 денари.

Оваа бројка се добива кога ќе се земат предвид последните просечни месечни плати што ги објавил Државниот завод за статистика и кога од нив ќе се пресмета правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти.

Крајниот рок за исплата на регресот е 31 декември, а компаниите ќе добијат зелено светло за исплата уште на 1 јули годинава. Единствениот услов за работникот да добие К-15 е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата и секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време

Од ССМ појаснуваат дека просечната нето-плата во Македонија во изминатите 3 месеци изнесувала 34.197 денари, а тоа значи дека 40 проценти од таа сума изнесува 13.672 денари.

Оттаму брифираат дека и покрај високите казни, сепак, голем дел од компаниите секоја година се обидуваат да фатат кривини и изнаоѓаат разни оправдувања за да не им исплатат регрес на работниците.

-Само минатата година евидентиравме над 3.000 жалби за прекршено право на регрес за годишен одмор. Веднаш беа преземени законски активности за секоја жалба посебно, изготвени беа приговори и поднесени беа тужби до суд – велат од ССМ.

Уште една појава за којашто е потребно време да се искорени, коментираат од ССМ, е праксата на работодавачите да бараат од вработените да им ги вратат парите во кеш, а кои претходно им биле префрлени на сметка за К-15.

-Ако газдата на фирмата не сака да исплати К-15 на вработените, тогаш се соочува со казна до 4.000 евра, а за оние работодавачи, пак, кои бараат да им се вратат во кеш исплатените пари за К-15, предвидена е затворска казна од 3 до 12 месеци – објаснуваат од ССМ.

Извор: Денар.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде