Родителите на Јана со емотивна порака: Ќе се иселиме од државата!

На вечерашниот протестен собир по повод одлуката на ОЈО Битола дека се откажува од кривично гонење по службена должност на лекарите и медицинскиот персонал во лекувањето на малата Јана која почина во март, нејзините родители изјавија дека за нив одлуката на ОЈО не е изненадување по изготвениот обдукциски наод за нејзината смрт.

„Во оваа држава не само што нема здравство, нема ниту правда. Лекарите, обвинителите и судиите се меѓусебно поврзани и затоа ние знаевме и бевме свесни дека нема да се дознаат и утврдат причините за смртта на нашата ќерка.

Нам не ни преостанува ништо друго кога ја изгубивме нашата ќерка Јана освен да ја напуштиме оваа држава и тоа ќе го направиме. Но, тоа не значи дека ќе се откажеме од нашите настојувања да се утврдат причините за смртта на Јана.

Ние кои што цело време бевме покрај нашето девојче знаевме дека со обдукцијата нема да се утврди вистината. Кога ние ја однесовме Јана во болницата таа беше во свесна состојба и имаше само оток на очите.

Претходно, два дена имаше температура. Резултатите од крвта покажаа дека имаше покачен шеќер и му дадоа инфузија, и тогаш почна да се жали на болки во стомакот.

По примањето на инфузијата на Јана состојбата и се влоши. До инфузијата се беше нормално. Очекувавме обвинителството да го отфрли предметот, но, сме изненадени колку брзо тоа се случи.

Доколку имаше судење, во судската постапка многу работи ќе излезеа на виделина“,изјавија родителите на Јана Христовска кои рекоа дека иако се свесни во каква држава живеат и имаат одлучено да ја напуштат Македонија, сепак нема да се откажат од утврдувањето на вистината.

Тие постојано се во контакт со лекари специјалисти од земјава и странство кои им понудиле помош и на кои веќе им го доставиле обдукцискиот наод.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде