Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, на денешното партиско собрание соопшти за реконструкција на владиниот кабинет, а целосно е сменет и Секретаријатот на партијата.
Така, нов министер за Европа и надворешни работи ќе биде Игли Хасани, на местото на Олта Џачка, Огерта Манастрилиу го напушта Министерството за здравство и социјална заштита и преминува во Министерството за образование, млади и спорт. На нејзино место доаѓа Албана Корчиу.
Нов министер за економија и финансии е Ервин Мете на местото на Делина Ибрахимај, која ја презема функцијата државен министер за претприемништво и деловна клима, на која функција беше Едона Билали.
На чело на министерството за земјоделство и рурален развој, ќе биде Анила Денај, која на оваа функција ја заменува Фрида Крифца.
Рама најави и формирање на министерство за локална самоуправа каде прв човек ќе биде Арбјан Мазнику, актуелен заменик градоначалник на Тирана, Македонец чиј татко потекнува од село Врница, област Голо Брдо.