Две минимални плати беа недоволни за подмирување на основната потрошувачка кошничка за месец септември.
Од ССМ пресметаа дека 120.000 граѓани не заработуваат ниту половина од потребното за основните трошоци, односно се на минималец.
Нивните пресметки покажале дека за месец септември биле неопходни 48.379 денари за едно четиричлено семејство.
Иако нотираат дека во септември потрошувачката кошница поевтинила за 966 денари, споредено со претходниот месец како резултат на одлуката за загарантирани цени, сепак велат дека сега со покачувањето на ДДВ-то на одреден број артикли од 5 на 10 отсто ефектот на претходната мерка ќе се анулира.
Потсетуваат дека податоците од Државниот завод за статистика од 2020 година покажуваат дека дури 21,8 отсто од населението во земјава живее во сиромаштија.
Ја повикаа владата да ја преиспита својата одлука и да го коригира списокот со производи на кои им се покачува данокот, бидејќи, како што велат, голем дел секојдневно се користат од граѓаните.
Вчера, пак, владините претставници рекоа дека денеска на владина седница повторно ќе го разгледаат списокот со околу 1.000 производи, бидејќи, како што рекоа, можеби е направена техничка грешка и ќе треба да се направи корекција.
Според нив, покачувањето на данокот нема да се одрази врз семејниот буџет, затоа што станува збор за луксузни производи, како и за намирници кои се штетни по здравјето на граѓаните.
