Покачување на пензиите за 6,8 отсто не сме кажале ниту јас ниту било кој претставник на Владата. Претпоставувам од чија кујна е излезено 6,8 отсто, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Моите изјави беа меѓу пет и шест, но секогаш велев ќе ги почекаме податоците од Државниот завод за статистика затоа што тоа е институцијата што ги дава податоците за индексот на трошоци на живот и индексот за порастот на просечната плата“,
рече Тренчевска одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки, во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.
Прашана да даде коментар околу изјавите на пензионерите дека со покачувањето од 5,3 отсто добиле само 200 до 300 денари, Тренчевска рече дека таа информација не е точна.
„Не верувам дека некој толку има добиено затоа што процентот 5,3 е согласно податоците од Државниот завод за статистика.
Ако најниската пензија беше 12 500 денари на тоа кога ќе му пресметате 5,3 отсто е некаде околу 800 денари“,рече таа.
