Скопјанката којашто во вторник била затруена на семеен ручек починала од последиците на труењето, а сопругот и свекрвата се во лоша здравствена состојба.
Според првичните сознанија од Клиниката за Токсикологија, се работи за труење со „метомил“ пестицид, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето кое беше кобно за 47-годишната жена.
Познато е само дека питата со брашно и со праз ја правела бабата, но истрагата треба да покаже како овој силен отровен пестицид се нашол во јадењето.
Инаку, „метомил“ е инсектицид и е опасен отров по здравјето на луѓето, забранет за продажба во земјава. Познат е и како „ Ланата“.
Случајот веднаш бил пријавен и во полиција.
-На 17.10.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени три лица од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје, соопшти полицијата.